Убиецот на младиот Мартин Јанушев десет месеци по бруталната ликвидација слободно се шета. Среде бел ден, на улица ладнокрвно среде град беше застрелано момче и никој не одговара. Единствено што му помогнаа да избега од границите на земјава. Тоа никогаш не се случувало, а откако ќе замине неспособната власт веќе и нема да се случува.

Ова е реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за МИА, кој говори за безбедноста во Република Македонија.

– Медиумите секојдневно се полни со шокантни вести за запалени автомобили, вооружени грабежи, разбојништва, насилства и коднапирања. МВР ги крие податоците за реализираните случаи бидејќи 99% остануваат со непознат сторител. Една посериозна акција за заплена на наркотици не е реализирана, а државата е преплавена со кокаин и хероин. Младите ги губат своите животи од предозираност затоа што Спасовски и функционерите околу него се во коалиција со криминалот и поважно им е децата да си ги праќаат со службени коли по кампови. Спасовски веќе трета година е министер, а не е набавен ниту еден хеликоптер, но затоа дури и обична вода се купува во четири очи бидејќи само така може да се земаат провизии. Што треба да се случи за Оливер Спасовски да си даде оставка? Колку луѓе треба да ги загубат своите животи, за Спасовски да понесе одговорност за катастрофалната безбедносна состојба во државата, се вели во реакцијата.

Опозициската партија нагласува дека Спасовски ја претвори Република Македонија во најнебезбедна и најнесигурна земја во Европа.

– Откако Спасовски е министер, граѓаните секојдневно се жртви на грабежи, вооружени напади, обиди за убиства, рекетирање и насилство кои поминуваат неказнето. Спасовски заедно со Заев директно удираат врз професионалноста на полицијата. МВР се претвори како алатка за пазарење при коалициските договори, за задоволување на желбите на партиски послушници и создавање на послушна структура која ќе молчи за криминалот на власта. Со назначувањето на партискиот телохранител Сашо Тасевски за Директор на БЈБ, Заев и Спасовски ги погазија сите принципи на кариера и достоинство на припадниците на МВР и ги деградираа сите професионалци кои наназад со години професионално ја граделе својата кариера во МВР, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

И се додава дека „јавноста го виде многу добро работењето на Спасовски“.