Помеѓу можноста криминалниот картел неказниво да краде и владеењето на правната држава, СДСМ одбра грабеж, реагира денеска со соопштение ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, помеѓу силни и независни институции кои ќе го осудат криминалот на Зоран Заев и европските критики за енормната корупција во општеството, СДСМ го одбра принципот „едно евро за Вицето“.

„Правната држава не функционира. Македонија се оддалечува од европските вредности. Се помала е веројатноста за датум за преговори во јуни, а земји како Франција, Холандија и Данска индиректно се обвинуваат дека се непријатели кои злонамерно пишувале лажни извештаи. Колку повеќе Македонија тоне, толку повеќе СДСМ го зајакнува политичкиот прогон на граѓаните, врши притисок врз судството за што експедитивно да ги спроведува политички монтираните процеси. Како што државата се презадолжува, како што се засилува пропаста во економијата, така се повеќе ќе се урнисуваат Уставот и законите. Правната држава пропаѓа со срамните одлуки на судовите, а се повеќе невини граѓани ќе бидат казнувани со затвор само за да се испратат пораки на заплашување кон политичките неистомисленици.Секогаш кога народот ќе помисли дека Владата на Заев го допрела дното, веднаш добиваме демант“ соопштуваат од опозциската партија.

Со слични пораки настапи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој во саботата беше во Струга на средба со граѓани.

-Што се случува сега, ветуваа 500 евра просечна плата, 30.000 денари, ветуваа 100.000 денари просечна плата за докторите, ветуваа нови 600 километри автопат ветуваа повеќе субвенции за земјоделците, ветуваа поголеми стипендии и повеќе можности за младите, ветуваа поголеми пензии за пензионерите, ветуваа живот за сите. А што донесоа? Донесоа чемер, јад и разочарување, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека и ЕУ ја виде неспособноста на власта на СДСМ и Заев, што е нотирано во „нон пејпер“, каде се истакнува дека „реформи нема, дека напредок нема, дека економија тоне, криминал и рекет има на секој ќош, корупцијата цвета и има неформален брак помеѓу власта и нереформираното судство каде власта на Заев ги пишува, а судот ги објавува политичките пресуди.
И Европа го гледа тоа што народот веќе го виде. Нема ни 500 евра просечна плата, нема ни 100 илјади денари плата на лекарите, нема ни 500 километри нови автопати, нема нови работни места, нема подобро здравство, образование и земјоделство. Се стагнира или пропаѓа. Единствено што цвета во државата се само криминалот и бизнисите на картелот на власт. Тоа мора да престане што поскоро“, пишува во соопштението.