Ова ќе биде кампања во која ќе зборуваме за проекти, за иднина, нови, мллади луѓе кои се амбициозни, луѓе кои ќе победат и ќе ја најават новата иднина, промените. Фокус на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат промени, проекти, иднина, а не она што го нуди противникот апатија и проблеми, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител.
„Ќе се фокусираме на проекти, има повеќе од 14 илјади проекти во Програмата, повеќе од 100-тина нови училишта, градинки, паркови, гасификација нешто за што јас се чувствувам одговорен, нешто што треба да се реалзира за почиста животна средина, за почист воздух, за граѓани кои ќе имаат покомфорен живот и слично“, рече Мицкоски од Охрид.
Според него овие избори ќе бидат предвесник и опомена на власта.
„По овие избори ние очекуваме ново парламентарно мнозинство и предвремени парламентарни избори“, подвлече Мицкоски.
Вечерва, ВМРо-ДПМНЕ започна со својата изборна кампања, традиционално од Охрид.
Од Античкиот театар во градот, Мицкоски ја претстави својата визија за иднината и успехот.
Промена подразбира промена на системот на вредности што владее сега, а е извор на лошото однесување на политичките елити. Промена на свесноста и чувството за одговорност, промена на системот на функционирање на државата. Системот треба да прерасне во систем насочен да им помага на луѓето, а не да управува со луѓето, да биде сервис на луѓето, а не дувло на корупција и извор на проблеми. Конечно промена на грешките кои политичарите ги правеле до сега, и промовирање на поинаков начин на работа, одговорен, принципиелен, чесен. Знам дека е полесно да се каже отколку да се оствари, но мојата воља за ова да се направи е толку силна што ништо нема да ме поколеба.
Второто П е за проекти, тоа се проекти на развој, солидарност, проекти за грижа за луѓето и за подобрување на инфраструктурата, проекти за поквалитетна животна средина, проекти кои ќе не доближат брзо до европските градови и држави, за тие проекти ние имаме рокови и во оваа кампања ќе ви презентираме еден поинаков пристап, кој до сега не е презентиран, за тоа ќе имаме посебен настан и ве уверувам само тој пристап ќе донесе резутлати веднаш, и подобра, нова иднина.
И конечно третото П стои за победи. Победа над духот на малодушноста, верба во квалитетот на начиот народ, на сите етнички заедници, верба ека оваа држава е нивна и дека работи за нив, и дека заедно е возможно со мобилизирање на сите капацитети да се постигнат победи и оваа држава, нашата Македонија да е успешна приказна.
Победа стои за победи во сите области, со поддршка на најдобрите, со поддршка на најуспешните, победа значи да се гордееме со тоа кои сме и во каква држава живееме. Тоа е победа над сите оние кои ја создадоа апатијата, над сите претходни политичари кои разочараа, но и победа над сите оние кои се скептични дека може да успееме, ќе докажеме дека ние заслужуваме држава, дека имаме знаење, капацитет, вештини, квалитет, и дека можеме да бидеме рамо до рамо со напредниот свет. Победата ќе биде круната на нашиот пат и наше наследство за идните генерации кои во новата иднина, ќе бидат горди со своите предци и со тоа што сите ние заедно како генерација сме го направиле, рече Мицкоски.