ВМРО-ДПМНЕ реагира и остро го осудува бруталното и недемократско постапување на Зоран Заев кон новинарите и медиумите, редејќи етикети, навредувајќи ги, пресметувајќи се.
Ова се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конференција на Заев.
– Ваквото однесување на Зоран Заев преставува примитивизам кој станува одлика на хибридниот режим во кој тој ја втурна државата. Станавме земја во која Зоран Заев определува кој биле објективни медиуми во земјава, а кој не, држава во која физички се тепаат новинари и се покренуваат нарачани обвиненија само затоа што си ја вршат работата. Заев човекот кој како во политиката така и во делот на медиумите нарачува обвиненија и се пресметува со неистомислениците. Зоран Заев треба да се извини кон медиумите и целата јавност поради недоличниот, дрзок и селективен однос кон медиумите, се вели во реакцијата.
Зоран Заев, се додава натаму во соопштението, е лидер на партија која води влада која селективно кани новинари и медиуми да проследуваат владини прес конференции и настани, влада во која новинарите се принудуваат однапред да ги кажат прашањата за кои се интересираат и кои се етикетираат и делат на подобни и неподобни.
– Зоран Заев е политичар кој одбива дебати, одбегнува критички медиуми и интервјуа и човек кој гази по новинарската професија. ВМРО-ДПМНЕ протестира против срамното однесување на Зоран Заев и бруталната пресметка со новинарите кои се критички настроени кон неговата работа. Слободата на медиумите е фундаментот на демократијата, и тоа нема цена. Зоран Заев е опасност за таа слобода, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.