Аболицираниот Зоран Заев говореше дека не се родил Македонец кој би го променил Уставот со цел промена на уставното име, а излезе дека таков антимакедонски лик се родил и во историјата ќе остане запаметено дека Заев е човекот кој се откажа од вековното име, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија вели дека „истиот тој Заев спротивно на волјата на граѓаните, со закани и уцени ги протурка уставните измени и го промени уставното име на државата“.

– Не само што го промени името, го промени и идентитетот, јазикот и историјата на македонската држава и народ. Со други зборови се откажа од се што е македонско. Иако во кампања тој се колнеше во своите предци и идни поколенија дека не помислува на ваков капитулантски чин, кога ја презеде власта за спас на својата бедна политичка кариера ги продаде националните и државните интереси. „Поетот“ Заев не така одамна говореше и за македонска жица која доколку се скинела тој „изгубен во времето, би го барал семето, одејќи по жица“. Сега кога сам ја искина македонската жица трага по семето на скијање во Гармиш-Партенкирхен, се вели во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ денеска додава дека СДСМ продолжува бесрамно да ја лаже и манипулира македонската јавност.

– Откако целосно ја ограбија и уништија македонската економија сега криминалната и одродена власт предводена од аболицираниот Заев наводно се сети на обичниот граѓанин.

– Ги зголемија даноците и давачките кон државата, ги зацрнија пазарџиите со катастрофални законски решенија, а нема капитални инвестиции, ниту повисоки пензии и плати за граѓаните. СДСМ ги осиромаши граѓаните со низа лоши законски решенија и погубни економски политики, а сега без срам лаже за некакво си враќање на парите кај граѓаните. Криминалната власт најпрво треба да ги врати милионите евра кои ги украде директно од џебот на граѓаните преку криминални тендери и грантови, измислени раководни позиции  и партиски вработувања за партиските послушници, бара опозициската партија.

Македонската економија и натаму е последна во регионот, но и во Европа.

– Додека европските држави доживуваат вистинска економска ренесанса, благодарение на сопствената неспособност Заев се фали со минимален раст и стагнација на македонската економија. Нивото на корупција е единственото нешто кое се покачува овие две години. Рангирањето на Македонија на листата на меѓународната Транспарентност покажува дека Заев ја претвори државата во дувло на корупцијата, најлоша во Европа, реагира ВМРО-ДПМНЕ и додава доста е економски црнила, време е оваа криминогена власт да замине, избори веднаш!