Вработените во образованието имаат уставно загарантирано право на штрајк и законски основ да бараат повисоки плати согласно колективниот договор.

Ова се нагласува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со штрајкот во образованието, кое го објавуваме подолу:

Просветарите имаат легитимно барање за поголеми плати затоа што стандардот вртоглаво им опаѓа, затоа што инфлацијата во месец март е 8,8%, а за една година лебот поскапе 100%, маслото за јадење 100%, горивата над 70%, струјата 30% и сите животни трошоци од 30 до 50%.

Просветните работници имаат морално право да бараат повисоки плати затоа што власта на СДСМ и ДУИ потроши милиони евра за криминални физибилити студии, тендери во 4 очи, коруптивни бизниси, но и службени возила, позлатени прибори, режани цвеќиња, фстаци, жардињери, хотелски услуги и какви ли не други непродуктивни трошоци.

Власта знае дека штрајкот на СОНК беше најавуван два месеци пред да се случи. Владата доколку вистински сакаше да најде решение за барањата на просветниот кадар тоа можеше да го направи уште пред почетокот на штрајкот.

Притисоците, заканите и заплашувањата од страна на власта упатени кон просветарите се за секаква осуда. Овие луѓе ги едуцираат и се грижат за нашите деца и заслужуваат достоинствен однос од институциите.

Центар за комуникации со јавноста на ВМРО-ДПМНЕ