Само Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска може да слават и да се гордеат дека го промениле името на државата и ги продале националните интереси, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

– Заев и неговите 81 послушници ја донесоа најсрамната и најцрната одлука во историјата на нашата држава. Тие мислејќи само на сопствените кариери и џебови нанесоа огромна штета и неправда на државата, македонскиот народ , нашите предци, но идните генерации. СДСМ се обидува насилно да го протурка и законот за двојазичност. Овој закон урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат тука. Законот за двојазичност е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо. Со објавување на законот во Службен весник без потпис од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, Талат Џафери, директорот на службен весник како и сите инволвирани ќе одговараат, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ и Заев, се додава во соопштението, во мандат од две години не сработија ништо за да го подобрат животниот стандард на граѓаните.

– Граѓаните се разочарани заради губење на името, идентитетот, историјата и културата, а Заев тоа го прогласува како херојство. Заев ја зави Република Македонија во црнило, а единствено што може да биде е предавник на сопствената држава и граѓаните на Република Македонија. На Република Македонија и се потреби предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, за да може граѓаните да одлучат во каква Македонија сакаат да живеат. Со СДСМ и Заев Македонија само оди назад и губи. За државата да оди напред, мора криминалниот картел наречен Заев и СДСМ да заминат час поскоро, се вели во соопштението.