Пратеничката група на ВМРО-ДМПНЕ испратила известување до претседателот на Собранието Талат Џафери во кое посочува дека одлуките на Владата за пренамена на средства од буџетите на определени институции, како и дополнителните префрлања од владини институции на Собранието на Република Македонија за финансирање кампањи е своеволна и не е од интерес на граѓаните на РМ.
– Без разлика на тоа каков би бил ставот кој се рекламира, цениме дека тие средства треба да бидат наменети за реализација на проекти од кои има реален интерес. Соодветно средства кои се планираат за пренамена од образование треба да се за изградба на училишта. Оние од земјоделие за помош на земјоделците или, пак, тие од одбраната за соодветно опремување на војниците. Токму со вакви предлози веќе излезе и ВМРО-ДПМНЕ. Спротивно на тоа финансирање на своеволна кампања од власта со буџетски средства на граѓаните е погрешна одлука. Тие средства никој не им одобрил на пратениците од власта или нивните функционери да ги трошат за себерекламирање, се вели во известувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во неа тие додаваат дека оправдувањето оти средставата би биле за медиумска кампања за поддршка на референдумот се неосновани и дополнително ја девалвираат способноста на граѓаните сами да проценат за придобивките од договорот со Грција, како и за поврзаноста со европските стандарди и принципи.
– Ги повикуваме Владата и нејзините пратеници да се откажат од средствата за себерекламирање под превезот на референдум. Тие да ги насочат кон конкретни проекти во реалниот сектор. А информирањето за различни видувања околу можните исходи и последици да бидат предмет на бројни медиумски соочувања во претстојниот период, како и со јавно споделување на аргументите за опциите што се нудат, се вели во известувањето.
Тоа, се додава во него, би било во најдобар интерес за зајакнување на демократските капацитети во државата и носење на информирани одлуки во интерес на Република Македонија.
Во соопштение, пак, што го испрати до медиумите попладнево, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ги донираат средствата кои им следуваат за кампања за референдумот.
– ВМРО-ДПМНЕ средствата за кампања кои не следуваат ќе ги донира, очекуваме тоа да го направат сите политички субјекти. Наместо промоција на штетни договори кои и носат само штета на државата, да направиме нешто полезно за општеството и граѓаните, стои во соопштението од партијата.