Граѓаните на Република Македонија се гушат, скопјани вчера ја плаќаа највисоката цена на неспособната влада на Зоран Заев кој ги лажеше дека ќе го реши проблемот со загадувањето, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ на енормната загаденост на воздухот, поради што клиниките се полнат со пациенти.

– Граѓаните со месеци дишат загаден воздух полн со канцерогени ПМ 10 честички кој е штетен по нивното здравје. Мерните станици за квалитет на воздухот константно бележат енормно загадување на воздухот. Вчера вечер на мерната станица кај Ректорат се измерени 296 ПМ 10 честички на метар кубен, во Центар 270, во Карпош 235, додека во општина Бутел 220 ПМ10 честички на метар кубен. Власта на СДСМ не се грижи што граѓаните кои со месеци дишат отров, наместо чист воздух кој им го ветуваа. Напротив загадувањето се повеќе е проблем за сите граѓани, се вели во соопштението.

СДСМ, Заев и Петре Шилегов, се додава, немаат преземено ниту една посериозна марка за намалување на загадениот воздух.

– Наместо да инвестираат во решавање на овој проблем кој е рак-рана за граѓаните, тие одвојуваат 1.6 милиони евра за лубриканти, над 700 илјади евра за цвеќиња и кафе, илјадници евра за морски плодови, а се делат и милиони евра во четири очи. Граѓаните не заслужуваат никој да ги завива нивните судбини во црно. Затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага конкретни мерки за решавање на проблемот со загадениот воздух. Итно зголемување на мерните станици ширум Македонија, субвенции за набавка на електрични автомобили и печки на пелети, субвенционирање сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, забрана за употреба на петрол и кокс. МВР мора го пренасочува движењето од централните градски подрачја на товарните возила и градежните машини, во услови на зголемена загаденост. Мора да се забрза процесот на гасификација кое беше едно од клучните предизборни ветувања на СДСМ како редовна контрола од надлежните инспекциски служби на котлите за горење и оџаците, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните, додава опозициската партија во соопштението, мора да добијат бесплатен градски превоз додека трае загадувањето, а инспекциските служби, како на државно, така и на локално ниво, да работат на пронаоѓање на загадувачите во зимски услови 24 часа.

– Дивите депонии мора темелно да се чистат, а граѓаните да добијат бесплатна здравствена заштита доколку се утврди дека се директна жртва на аерозагадувањето. Доколку СДСМ, Заев и Шилегов се грижат за здравјето на граѓаните, мора веднаш да ги прифатат овие мерки. Наместо решавање на проблемот со загадувањето, криминалниот картел на СДСМ е фокусиран на своите бизнис интереси и богатење на грбот на граѓаните. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните кои се против оваа ненародна и расипничка власт, да се придружат на протестот во недела во Велес во 13 часот. Македонија мора и може да оди напред само доколку  ова црнило наречено СДСМ и Заев си заминат час поскоро, се вели во соопштението.

СДСМ, се додава натаму, се фали со невидливи мерки.

– СДСМ сака да пишува дека спроведуваат мерки, што народот не ги чувствува ни гледа. Загадениот воздух зема се поголем замав, а СДСМ освен што лаже и игра игрици ништо не презема. Клиниките секој ден се повеќе се полнат со луѓе кои имаат здравствени проблеми поради енормниот загаден воздух. Време е да се стави крај на лажните ветувања и невидливите мерки на СДСМ. Народот ќе го казни СДСМ и ќе стави крај на оваа црнила која владее во Република Македонија, порачува опозициската партија.