Додека го продава името Зоран Заев не пропушти да ги задолжи граѓаните за нови 7,1 милиони евра, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
– Власта се задолжи на 15 години со годишна каматна стапка од 3%. Тоа значи дека за земените 7,1 милион евра за 15 години ќе вратиме 3,2 милиони евра само за камати. Заев зеде 7,1, а ќе треба да се вратат 10,3 милиони евра. Картелот ја задолжува државата без реална потреба. Расипништвото на власта само за првите 3 месеци од годината ги чинеше граѓани 300 милиони евра нов долг. Од тогаш долгот само се зголемува, реагира најголемата опозициска партија.
Натаму се вели дека Заев ги фрла идните генерации во должничко ропство.
– За првпат во историјата на Република Македонија со СДСМ јавниот долг надмина 5 милијарди евра, додека државниот долг надмина 4 милијарди. Милиони долг, а ниту еден проект. Картелот нетранспарентно ја презадолжува државата без да им каже на граѓаните на што ги троши парите кои ќе ги враќаат идните генерации. Заев и криминалниот картел кој го води ја уништуваат државата. Додека го менуваат името, вршат и економски геноцид врз сопствениот народ. Државата повеќе од една година тоне. Безнадежноста и немаштијата со Заев на власт стануваат наше секојдневие, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за последното задолжување на државата.
Натаму се додава дека повеќе од една година граѓаните се ограбуваат, а државата се понижува.