Има ли некој во седиштето на СДСМ или сите од раководството се посветени на криминални тендери, злоупотреби и хедонизам, реагира ВМРО-ДПМНЕ на секојдневните исти соопштенија на владејачкиот СДСМ.
– Ако имаше некој во седиштето тогаш немаше секое утро да ги пуштаат истите, стерилни, копирани соопштенија кои не се разликуваат ниту по точките и запирките. Што се однесува до самата суштина, ВМРО-ДПМНЕ има политичка одговорност и единствено одговара на граѓаните на Република Македонија истите тие кои на кој СДСМ секој ден им ја зголемува агонијата, им го отежнува животот и одзема иднината. Стерилните соопштенија нема да го направат капитулантскиот договор на Заев подобар ниту пак да го задржат институционалниот идентитет од кој Заев и СДСМ се откажуваат, а кој е клучно обележје на постоењето на еден народ и држава, реагира најголемата опозициска партија.
Натаму се додава дека нема иднина со земја која е најкорумпирана во Европа, со образование кое е најнеквалитетно во регионот и го нема ниту на Шангајската листа за квалитетно образование, со економски раст кој е најнизок во Европа.
– Сето ова е така затоа што криминогени политичари ја водат државата, со единствен интерес профитот. Се до тогаш Македонија нема иднина, се вели во соопштението.
СДСМ и во денешното соопштение ја повторува секојдневната фразеологија:
– Ајде Мицкоски охрабри се, изјасни се за што си, граѓаните се за светла иднина наместо небиднина. Време е Мицкоски. Конечно треба да кажете за што сте и да се изјасните за референдумот. Ако сте за иднина на Македонија во НАТО и ЕУ со признаен македонски идентитет треба да ги повикате членовите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдум и да изберат иднина, се вели во соопштението на СДСМ.