Насилство, убиства, уцени, криминал, се само дел од црниот баланс кој го спроведува криминалниот картел на Заев и СДСМ, кои Македонија ја ставија на колена, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
– Зоран Заев доби конкуренција во криминалот наречен Кочо Анѓушев. Заев и Анѓушев ја претвораат државата во сопствена фирма, додека граѓаните осиромашуваат. Додека граѓаните се вознемирени од изјавите каде што постојано се менуваат ставовите на Заев дали ќе биде распишан референдум и дали тој ќе биде задолжителен или консултативен, Заев како од ракав дели 10 милиони евра на фирми на Анѓушев, Локвенец и други сопартијци и послушници, претставувајќи ги како иноватори, се вели во соопштението.
Граѓаните, се додава натаму, гледаат дека додека економијата доживува вистински крах, стопанството е пред банкрот, додека се намалува просечната плата, се бркаат странските инвеститори, семејните бизниси на Анѓушев и Заев цветаат и тоа со сесрдна помош на институциите под нивна контрола.
– Овој скандал е огромен. Ова е сериозен сомнеж за злоупотреба на позицијата за богатење. Заев го гази достоинство на сите граѓани во Република Македонија. Со штетниот договор со кој се негира македонската нација, народ, култура, јазик и историја, Заев ја гази демократијата, кршејќи ги законите, процедурите и Уставот на Република Македонија целосно исклучувајќи ја опозицијата и оневозможувајќи дијалог и демократска расправа во Собранието. Граѓаните заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО, смета најголемата опозициска партија.