Не поминува ден, а да нема нова индиција, документ или сведоштво за вмешаноста на Зоран Заев во случајот Рекет, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ и повикува Заев да биде викнат на распит.

– Медиумите вчера објавија нови информации, согласно кои Зоран Заев е спомнат како човек кој бил запознаен за рекетирањето, но и дека Боки Тредичи се фалел дека доколку истиот го плати рекетот ќе биде поставен за директор на една телекомуникациска компанија, во која државата е косопственик. Крајно време е ЈО да се охрабри и да го повика Зоран Заев на распит. Милионски рекет во времетраење од неколку месеци не може да се случи без институциите на системот, а со тоа и премиерот лично да не знаат. Боки Тредичи според исказите на жртвите бил во константна комуникација, не само со Катица Јанева која е директен извршител на делото, туку и со високи функционери од власта, кои де факто се помагачи и со своето влијание и авторитет му овозможиле на Боки Тредичи позиција да рекетира, се вели во соопштението.

Јавното обвинителство, се додава натаму, да престане да биде развлекувач на истрагата.

– Да постапи согласно закон и да поведе истрага против сите потенцијално вмешани. Владата, Зоран Заев лично, ЈО и сите чинители во процесот треба да знаат, дека иднината на Македонија е пред нивните политички кариери. Развлекувањето на случајот Рекет може сериозно да го стави под знак прашалник нашето отпочнување на преговори со ЕУ. Граѓаните не заслужуваат да бидат жртви заради погубните и криминогени политики на Заев. Власта треба да распише предвремени парламентарни избори час поскоро. За иднината на Македонија се работи, се вели во соопштението.