На денешната прес конференција, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски истакна дека Македонија секојдневно ја плаќа цената на неспособната и расипничка влада на СДСМ. Според Димовски, преговорите за членство во ЕУ не почнуваат и не може да почнат се додека фирми донатори на СДСМ добиваат стотици илјади евра преку сомнителни набавки, органите на прогонот се плашат да спроведуваат истраги, судовите го ослободуваат Зоран Заев од очигледна одговорност за корупција, а администрацијата се полни со некомпетентни партиски кадри.
-Обидот да се тргува со највисоките национални и државни интереси и да се покрие катастрофата со прифаќањето на капитулантскиот договор со кој што се брише името Република Македонија, завршува со големо национално понижување и уште една загубена година за животот на граѓаните на Република Македонија со власта предводена од Зоран Заев. Македонија е жртва на неодговорните политики на СДСМ како на домашен, така и на меѓународен план. Економијата тоне. Уставниот поредок е поткопан. Правната држава е деградирана. Тоа го нотира и ЕУ, со последната одлука да не даде датум за почеток на преговорите-рече Димовски.
Тој на прес конференцијата изрази жалење во поглед на дека понижувањето кое ни го приреди СДСМ не не’ води никаде, а тоа ЕУ го покажа. Според Димиторв, отребни се суштински реформи во државата, а ЕУ ни стави до знаење дека не може држава која под власта на Зоран Заев и паѓа за 17 места на индексот на корупцијата и е најкорумпирана држава на тлото на Европа, да отпочне со преговори.
-Зоран Заев не направи ништо за подобрување на животот на граѓаните. Но затоа, како што некогаш кажуваше, ја свитка кичмата и се согласи за бришење на името Македонија, за промена на Уставот со цел промена на уставното име, за промена и широко толкување на идентитетот, за фуснота за македонскиот јазик и редица други отстапувања. Со тоа негово виткање на кичмата, на Македонците им ги зави срцата во јад. Зоран Заев трајно ги наруши позициите на Република Македонија. Државата е понижена и ќе бидат потребни долги години работа за враќање на нејзиниот углед на меѓународен план- истакна Димитар Димовски.
Тој рече дека Зоран Заев и неговите камаради, олицетворени во Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Оливер Спасовски и останатите, мора да си заминат.