Манифестацијата „Денови на македонската култура“ ќе биде отворена денеска во бугарскиот приморски град Бургас.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Манифестацијата ќе започне со отворање на изложбата „Предизвици и насоки“ во 17 часот по локлано време, што ќе биде поставена во Центарот за култура „Море казино“ во Бургас. Изложбата е дел од проектот „Поврзување“ на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Бугарија.

Во нејзини рамки ќе се одржат и две филмски проекции, кои се предвидени на програмата за утре и в петок во 21 часот по локлано време на сцената „Полжав“.

Изложбата „Предизвици и насоки“ содржи специјално избрани уметнички дела од 12 современи автори, кои ги презентираат своите погледи и предизвици за време на пандемијата на Ковид-19 и прикажуваат до кој степен овој глобален проблем ги менува нивните начини на размислување и насоките во креативноста. Како одговор на овие прашања, сите индивидуално направија избор на свои дела и преку нив се обидоа да го претстават нашето време и нашата индивидуална уникатност.

Во изложбата се вклучени македонски уметници кои живеат и работат во Бугарија – Иво Пецов, Маријан Ѕингаров – Џин, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Атанас Ботев и Хари Дудески, како и на уметникот и поет Роман Кисов од Софија, кој во минатото оствари бројни соработки со македонски автори, најчесто од областа на поезијата. Со свои дела во изложбата ќе се претстават и уметниците и професори на бугарската Национална академија на уметностите, Свилен Стефанов, Росен Тошев и Георги Јанков од Софија, како и македонскиот уметник од Битола, Димитар Христов, кој живее и работи во Берлин.

Покрај уметничките дела, авторите запишаа и своите мисли во неколку реченици, како додаток на визуелниот дел.