Изградба на 6 згради со висина од 20 до 35 спрата се планираат со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за просторот кај „Холидеј ин“ во центарот на Скопје.

Новиот план за овој простор, како што објави порталот СДК, го изработувала фирмата „Билд урбан“ која на тендерот распишан од Општина Центар понуди цена од 1 денар и победи со најниска понудена цена. Но, Општината има проблем со цртањето на новиот план со кој треба да се исправат грешките на претходниот бидејќи планерот не постапува по нивните насоки за уредување на просторот и си тера по свое односно ги исполнува желбите на инвеститорот. Поради тоа Општината бара правен начин за да го раскине договорот, објави СДК.

Членови на Комисијата за изработка на новите урбанистички планови во Општина Центар за порталот брифирале дека планот по трет пат е вратен кај планерот бидејќи не постапува по нивните барања.