Дива свиња денеска се прошетала низ Куманово. Животното прво било забележано на улицата Никола Тесла, па кај градскиот стадион и во други делови од центарот, пред да биде заловена и усмртена.

Случајот во СВР Куманово бил пријавен во 3:30 часот, потврди МВР. Очевидци раскажаа дека животното панично трчало во тој дел од градот. Од Агенцијата за храна и ветеринарство го потврдија случајот и велат дека се преземени сите мерки.

Ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство издал решение за нештетно отстранување (закопување во јама гробница), на труп од дива свиња, која утрово била еутанизирана во сточарскиот ветеринарен центар „Тодор Велков” во Куманово.

-Станува збор за единка, за чие присуство во градот Куманово, во раните утрински часови било алармирано од страна на граѓани, а во чие заловување биле вклучени официјални ветеринари, припадници на Министерството за внатрешни работи и од ветеринарната станица „Тодор Велков”, се вели во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

При еутаназирањето на дивата свиња од страна на официјален ветеринар на Агенцијата, исполнети се барањата од законите за здравствена заштита и благосостојбата на животните. Земени се мостри за лабораториско испитување и детектирање на евентуално присуство на вирусот на класична и африканска свинска чума.