На познатиот манастир „Света Марина“ во селото Туминец во Мала Преспа, Република Албанија поставени се сончеви панели.

-По неколку годишниот вложен труд и со силна верба во Господа и по молитвите на Света Марина, со благослов на нашиот Митрополит Корчански г. Јоан, како и со подршка на сите верници, а особено на група верници од Прилеп, конечно се осветли со сончеви панели манастирот „Света Марена“ во Туминец, изјави отец Алексо Темелко.

Патрон на манастирот е Света Огнена Марина – Марена, што се слави на 30 јули, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се исселени тие за овој празник се тука.

На одбележувањето на патронот лани специјален гостин беше претседателот на Албанија, Илир Мета, кој го честиташе, како што рече, овој свет ден и запали свеќа за здравје.

Поздравувајќи ги присутните верници, нагласи дека меѓу Македонците е со посебен повод, а тоа е одбележувањето на патронот на црквата, која ги обединува граѓаните со природната, духовната и човечката убавина и доблест.

-Да е честит овој значаен ден, ден кога вие сите се молите за подобра иднина, кога вие сите заедно барате помош од Света Марина, за еден подобар живот, за мир, здравје во вашите семејства, за многу радост и среќа. Огромно е задоволство да се види толку многу народ денеска, посебно толку многу млади, кои ги негуваат традициите, кои некогаш беа забранети, млади кои сега гледаат со толку верба во иднината, рече тогаш претседателот Мета.

Пред верниците, кои беа дојдени не само од селата на Мала Преспа туку и од подрачјето на Корча, Ресен и Прилеп, посочи дека секогаш се чувствува пријатно и гордо меѓу, како што рече, прекрасната македонска заедница и вети дека тоа ќе го прави многу често.

Селото Туминец е едно од десетте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.