Француската национална агенција за здравствена безбедност потврди присуство на хемикалии во многу пелени, кои се потенцијално опасни за бебињата. Тие  препорачуваат пелените да се забранат за продажба додека  Владата бара во рок од 15 дена производителите на пелени да одговорат на „обврските”.

Во заклучоците на Националната агенција за безбедност на храната, животна средина и работата(AНСЕС) се потврдува дека пелените за еднократна употреба, кои ги носат најголем број бебиња содржат многу штетни хемиски супстанции во дози повисоки од дозволените.

Агенцијата го потврдува тоа што го констатира магазинот “60 милиони потрошувачи”, кој ја пренесе студијата на Националниот институт за потрошувачка (ИНЦ), објавена уште во 2017 година.

-Тоа може да бидат намерно додадени супстанции во пелените, како парфеми, кои можат да предизвикаат алергии на кожата кај бебињата, вели Жерард Лафарж, заменик генерален директор на AНСЕС.

Некои од овие супстанции доаѓаат од контаминирани суровини.

Властите повикуваат да се „зајакне контролата на хемиските супстанции” и да „донесат регулаторни ограничувања” на национално и европско ниво. Сега е можно, благодарение на Регулативата  на ЕУ REACH (Регистрација, Евалуација, Овластување и ограничување на хемикалии), да ги принудат на производителите да ги намалат или отстранат опасните супстанции, или дури да постават забрани за вакви видови на пелени.