Во Словенија утрово во 7 часот започна предвременото гласање за избор на 90 пратеници за новиот состав на Народното собрание (Парламентот).

Како што јави хрватската агенција „Хина“, отворени се 96 избирачки места, по едно во секоја од изборните единици низ државата, каде може да гласаат граѓаните кои в недела нема да бидат во можност да гласаат на местата каде живеат или од други причини.

Најавено е дека предвремено денеска ќе гласа и претседателот Борут Пахор.

Предвременото гласање ќе се одржува и утре и задутре.

Околу 1,65 милиони лица со право на глас ќе можат да учествуваат на парламентарните избори што ќе го одредат составот на идната влада.

Од 90 пратеници, 88 ќе се избираат од понудените листи на 21 партија и граѓански организации, додека останатите двајца се припадници на италијанското и унгарското малцинство. Претставниците на малцинствата се избираат само од полнолетните граѓани на овие заедници во местата каде што живеат.

Изборната кампања ќе продолжи до петок на полноќ, кога почнува изборниот молк.

Според анкетата спроведена од агенцијата „Медијана“, излезноста на овогодинешните избори во Словенија би можела да биде значително поголема отколку на изборите во 2018 година кога гласаа 52,6 отсто од запишаните избирачи.

Некои аналитичари сметаат дека е претерана проценката дека овојпат би можеле да гласаат дури 70 отсто од гласачите.