Општина Тетово прогласи тридневна жалост по вчерашниот пожар кој избувна во модуларната болница каде се лекуваат ковид пациенти.

Градоначалничката Теута Арифи денеска изрази сочувство до семејствата и блиските на загинатите во пожарот.

-Се одржа седница на Советот и објавени се три дена жалост. Кога ги добиеме официјални информации за идентитетот на жртви ќе интервенираме во тие семејства, истакна Арифи.

Посочи дека понуди за помош пристигнуваат од повеќе страни.

-Ова е време кога сите треба да бидеме заедно. Ги повикувам компетентните институции кои треба да ги завршат истрагите тоа да го направат што побрзо за да имаме информации за причините и за ситуацијата, истакна Арифи.

Во болницата во Тетово се наоѓаат повредените од пожарот, и како што истакна Арифи тие се во стабилна состојба.

Министерството за здравство претходно објави дека во пожарот во болницата животот го загубиле 14 пациенти, а 12 се повредени. На лекување во модуларната болница биле хоспитализирани вкупно 26 пациенти. Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди.

Во тек е идентификација на жртвите, а увидот од надлежните екипи продолжува и денеска.

Владата во 10 часот закажа вонредна седница, голем број настани кои беа закажани за денеска се одложени.