Велес го презема приматот на водечки град во земјава по број на заболени жени од карцином на дојка. На годишно ниво бројот на заболени пациентки е зголемен на 1.000 новозаболени, а пред пандемијата на корона беше 500 годишно.

Се симнува и старосната граница на заболените. Таа сега паднала на 40-годишна возраст, иако најмладата велешанка која е оперирана од канцер на дојка има само 21 година. Во земјава канцер на генитални органи е откриен кај 17-годишна девојка.

Освен кај жени, болеста е откриена и кај еден маж во Велес, а може да има и други заболени, кои не се регистрирани.

Овие информации денеска ги изнесе Македонка Икономова Давчева од велешкото здружение „Љубов сме“, во кое членуваат жени онколошки пациентки, на трибината „Рано откривање на канцер на дојка“. Трибината ја организираше Општата болница Велес.

Трибината е во рамките на розовиот месец за борба против оваа болест, а со цел едуцирање на населението, за да се подигне свеста за редовни самопрегледи на велешанки, како и за користење на термините од скринингот што го спроведува Министерство за здравство.

Лошите статистички податоци ги потврди и еден од предавачите, д-р Тања Петровска, специјалист по радиодијагностика, која апелираше на градење култура кон личното здравје. Таа информираше дека има промена во постапката на закажување на прегледите во скринингот.

Со вака алармантни бројки, според д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни доктори државата треба итно да почне да отвора Центри за дојка во јавните здравствени установи низ земјава, а најпрво во Велес.

Присутните лекарки потенцираа дека со болеста канцер на дојка се живее, но доколку биде рано откриена и ако навреме бидат преземени сите здравствени мерки за лекување.

Сепак животот не е така едноставен, констатираа оперираните жени, кои отворено говореа за личната и грижата на семејствата кои се нивната најголема поддршка.

Со денешната трибина и ЈЗУ Општа болница Велес се вклучи во активностите кои се посветени на розовиот месец, октомври за подигнување на свеста за болеста канцер на дојка.