Од 110-от баталјон на грчката војска во градот Лариса, еден или два грчки воени авиони Ф-16 се упатија кон Македонија и го завршија пробниот лет, објавија грчките медиуми.

Според информациите во медиумите во Грција, не е познато дали бил еден или два воени авиони и дали доколку се работи за пар Ф-16, летале заедно или посебно, јави МИА од Атина.

-Овие летови имаа за цел тестирање на комуникациите на грчките воени авиони со грчки радари и генерално со воздушниот систем, кој веќе ќе покрива и ќе биде одговорен за воздушната одбрана на воздушниот простор на С. Македонија, пишува информативниот портал „Њузпост“.

-Целта на летот беше да се провери дали постојат „мртви“ области на територијата на С. Македонија и да се испита компатибилноста на системите за детекција, пишува „Катимерини“ и додава дека по првиот пробен лет, ќе следат и други во иднина.

Грција, со нејзини воени авиони го надгледува воениот простор и на Црна Гора и на Албанија.

Грчките медиуми утрово ја пренесоа веста дека во периодот од 7:30 до 9:30 часот планирани се два прелета во воздушниот простор на Македонија за потребите на НАТО мисијата „Air Policing“ (чување на воздушниот простор).

Целта на прелетот е проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор. Прелетите се во функција на подготовката и исполнувањето на условите од страна на Македонија во делот на воздухопловството како идна рамноправна членка во системот на колективна безбедност, соопшти Министерството за одбрана.

Мисијата „Air Policing“ е мирновремена задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, со цел заштита на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.