Земјоделците не излегоа на протести на улиците поради земјоделската политика на ЕУ, туку поради незадоволство од трговските и климатските политики на блокот, оцени еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски.

Ваквиот став, како што јави дописникот на МИА од Брисел, полскиот еврокомесар Војчеховски го изнесе во одговор на писмото на претседателот на Комитетот за земјоделство на Европскиот парламент, Норберт Линс, во кое европратеникот побара од него да покаже „политичко лидерство“ за справување со незадоволството на земјоделците, кои од крајот на минатата година протестираат во повеќе земји членки на ЕУ.

Војчеховски истакнува дека се согласува оти се потребни „брзи акции“, но според него во некои случаи политичките иницијативи поврзани со Европскиот зелен договор „можеби отишле предалеку“, како и дека се потребни и промени во трговската политика на ЕУ.

– Стоп за увозот, отфрлање на Зелениот договор, наведе Војчеховски, што претставува прво толку експлицитно противење на политиките на Европската комисија од страна на нејзин член.

Еврокомесарот смета дека увозот на земјоделски производи врз основа на договорите за слободна трговија на ЕУ со земји како Украина и Мароко, претставува „закана за европските земјоделци“, бидејќи, според него, во земјоделското производство во овие држави на важат истите стандарди кои според регулативите на Унијата се бараат од фармерите во блокот.

null

– Принципот на реципроцитет во трговските односи бара промени во нашата трговска политика и поголема заштита на земјоделството, наведе Војчеховски во одговорот.

Според него, дополнително, европските земјоделци треба да се ослободат од „оптоварувањата“ воведени со Зелениот договор, со тоа што нема да подлежат на санкции за неисполнување на пропишаните еколошки барања.

Тој потенцира дека трговската либерализација е корисна, но дека треба да се избегне ризикот од „продлабочување на дестабилизацијата“ на земјоделскиот пазар на ЕУ што таа може да го предизвика.

– Интересите на земјоделците не треба да се жртвуваат на други интереси, смета Војчеховски, додавајќи дека е неприфатливо земјоделците да сносат големи трошоци како последица на трговската либерализација.

Слични барања, против трговската либерализација во земјоделскиот сектор и за отстапување од еколошките стандарди беа изнесени и за време на протестите на земјоделците.

Европските десничарски партии веќе подолг период се противат на мерките за зелена транзиција во ЕУ, а токму Војчеховски доаѓа од редовите на десничарската конзервативна, популистичка и евроскептична партија Право и правда (ПиС), која беше на власт во Полска до крајот на минатата година и за време на чие владеење дојде до влошување на односите меѓу Европската комисија и Варшава, која беше обвинувана од Брисел за непочитување на основните права и на принципите на владеењето на правото и независност на судството.

Во пресрет на изборите за Европскиот парламент во Унијата постои стравување дека незадоволните земјоделци би можеле да бидат инструментализирани од страна на десните популистички партии во текот на предизборната кампања. Според аналитичарите, земјоделците, кои обично важат за поконзервативен дел од електоратот, во вакви услови на незадоволство лесно може да ги насочат своите гласови кон десницата.

Раководителот на бриселската тинк тенк организација Центар за европски политики, Фабијан Цулиг смета дека десните популистички партии не можат да им понудат подобри решенија на земјоделците за нивните проблеми, но секако ќе се обидат да го искористат нивното незадоволство на изборите.

Право и правда (ПиС) е членка на партијата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која обединува национално-конзервативни, десничарски и евроскептични партии. ЕЦР, која е предводена од ПиС и Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, се обидува да ги зајакне своите позиции пред изборите, со што би можела да има клучна улога при изборот на носителите на водечките функции во ЕУ.

Фото: ЕПА/МИА Архива