На четвртиот, последен ден од договореното примирје, Израел го доби списокот со последните 11 заложници кои треба да бидат ослободени денеска, по 52 дена во заробеништво на Хамас.

Палестинската милитантна група вети дека согласно договорот за прекин на огнот ќе ослободи вкупно 50 жени и деца киднапирани во Газа во замена за ослободување на 150 Палестинци од израелските затвори, освен ако договорот не биде продолжен под нови услови.

Хамас вчера соопшти дека на третиот ден од прекинот на непријателствата со израелската армија ослободи 13 израелски заложници, како и четворица странци – тројца тајландски и еден руски државјанин.

Меѓутоа, израелската армија објави дека 14 Израелци и тројца странци се ослободени и предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Во соопштението објавено синоќа, Хамас наведе дека сака да го продолжи прекинот на огнот по завршувањето на четиридневното примирје, во обид да ослободи повеќе Палестинци од израелските затвори.

Договореното примирје веќе вклучува одредба да се продолжи за уште еден ден за секои десет заложници што Хамас ќе се согласи да ги ослободи.

фото: ЕПА