Писмо на војводата Павле Наумов од 1907 година е уште еден доказ за пропагандите на кои биле подложени Македонците од дамнешно време до денес.

„Браќа тополчанци… во Тополчани нема Срби, нема Грци и нема Бугари. Ние сме Македонци… Европа знае каде има Срби, Бугари и Грци“, пишува во обраќањето војводата Наумов.

А во тоа време, немало ниту Коминтерна, Јосип Броз Тито бил уште малолетен, а СФРЈ е основана по четириесетина години, па така во вода паѓаат денешните тврдења од Бугарија за „коминтерновска“ и „титовска“ нација за Македонците.

Писмото од војводата Наумов е уште еден доказ за постоење на македонската национална свест во време на борбата на ВМРО за македонската национална идеја.

Ова писмо војводата Наумов им го испратил на Македонците од село Тополчани во 1907 година.

Павле Наумов е роден во 1883 година во велешкото село Ораовец, тогаш дел од Османлиското Царство. Брат е на војводата Иван Наумов Алабакот. Како член на ВМОРО, учествувал во Илинденското востание во 1903 година, во реонот на Крушево.

По востанието, заминал во Бугарија, а во Македонија се вратил како комита во мај 1904 година. Бил ранет во една битка, и заминал на лекување во Софија. Во Македонија повторно се вратил со четата на војводата Крсто Љондев. Присуствувал на конгресот на ВМРО на Битолскиот револуционерен округ во 1907 година. Од конгресот бил назначен за реонски војвода на Организацијата во Кичевско.

(Подготви: Д.Г.)