Извршниот директор на Формула 1 тимот Мерцедес, Тото Волф, зборуваше за резултатите на неговите пилоти во квалификациите за спринт-трката за Големата награда на Австрија.

Двајцата возачи на Мерцедес доживеаја несреќи во третиот сегмент од сесијата излетувајќи од патеката, при тоа оштетувајќи ги болидите.

– Не треба да се прекоруваат поради оваа ситуација, поради несреќи. Им дадовме болид на десет трки по ред кој не беше способен да се бори рамноправно со конкурентите. Сега се извлековме и сме во групата на лидери. Вакви инциденти се случуваат, едноставно ја губите контролата над автомобилот. Сепак, подобро е да пилотираш брз автомобил и да поминеш вакви квалификации, отколку да немаш брзина за да влезеш во топ, изјави Волф за „Скај спортс“.

Според резултатите од квалификациите, Расел имаше петто време, а Хамилтон 10-то, но поради казната на Серхио Перез кој беше четврти, пилотите на Мерцедес ќе одат едно место погоре.

Денес од 16:30 часот на „Ред Бул Ринг“ ќе се вози трката во спринт, утре (15 часот) е главната трка за Големата награда на Австрија.