Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешната вонредна прес-конференција на Владата на Србија ја изнесе шокантната вест дека е убиено девојчето Данка Илиќ.

– Имам лоша вест за ова дете, за нашата Данка од Бор. Полицијата уапси две лица кои ја убиле малата Данка и колку што разбрав и двајцата ја признаа вината. Со какви монструми си имаме работа. Благодарам на полицијата за се, рече Вучиќ на вонредната седница на Владата на Србија.

Да потсетиме, малата Данка Илиќ (2) беше пријавена за исчезната во вторникот на 28 март околу 13 часот и 45 минути во околината на Бор и оттогаш и се изгуби секоја трага.

Малата Данка исчезна пред 10 дена. Во потрагата по неа, на нозе се крена целиот Балкан. Сите се надевавме на убави вести, но оваа потрага заврши на најужасниот можен начин.

За жал, потрагата по исчезнатата Данка Илиќ (2) имаше трагичен крај. Најмрачните сомнежи на семејството и јавноста се остварија, а утрово се уапсени две лица, под сомнение дека, според медиумите, со автомобил убиле мало девојче, а потоа нејзиното тело го фрлиле на дива депонија покрај „Старобањски пут“ кај Бор.

Како што потврдија за АТВ, криминалистичката полиција од Бор ги привела работниците на јавното комунално претпријатие „Водовод“ Бор С.Ј.(50) од село Лука и Д.Д.(50) од село Злот.

„С.Ј. е осомничен дека на улицата „Радомира Путника“ со службеното возило „фиат панда“ удрил во пешак, двегодишно девојче Данка, и ја усмртил. Заедно со колегата Д.Д. телото на девојчето го ставиле во багажникот на возилото, по што се упатиле кон дивата депонија на „Старобањски пут“ кај Бор, каде телото го фрлиле на десната страна од патот“, вели извор близок до истрагата.

С.Ј. е обвинет за сторено тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, а Д.Д. помош на сторителот по извршувањето на кривичното дело. По апсењето и на двајцата им е одреден притвор до 48 часа.

Истрагата на криминалистичката полиција на ПУ Бор укажува дека се се случило на 26 март околу 13 часот и 52 минути, односно само седум минути откако исчезна девојчето, се вели во пријавата на мајката.

– С.Ј. е обвинет дека не ја приспособил брзината на возилото на состојбата и условите на патот, поради што со предниот десен дел од возилото ја удрил девојката и ја усмртил – вели извор од истрагата.

Данка Илиќ исчезна на 26 март околу 13 часот и 45 минути во Бањско поле кај Бор. Кога исчезнала била со мајка и и брат и оттогаш и се губи секаква трага. Поради нејзиното исчезнување, за прв пат во Србија е активиран системот „Најди ме“.