За националните прашања во Грција решава „длабоката држава“ вели Павле Воскопулос Филипов од Виножито, партијата на Македонците во Грција.

Тој е застапник за правата на Македонците во оваа соседна земја, а тоа го изјави во интервју за Институтот за комуникациски студии (ИКС).

– За националните прашања во Грција решава „длабоката држава“. Ако има позитивна клима во општеството, тогаш останатото во доменот на правата ќе зависи од самото македонско малцинство, вели тој.

Во продолжение дел од интервјуто во ИКС:

ИКС: Кое име претпочитате да го употребуваме за време на овој разговор: Македонија, или „с“.Македонија?

ПВ: Нема никаков проблем кога станува збор за државноста, кога станува збор за држава значи Македонија е држава. А во Грција е само регион. Не е проблем, бидејќи ние се разбираме. На други средби на рамниште на политичари се употребуваат официјалните имиња на државите.

ИКС: Дали со Преспанскиот договор се смени нешто на подобро за македонското малцинство во Северна Грција?

ПВ: Преспанскиот договор е важен за билатералните односи меѓу Републиката и Грција и за патот на македонската држава кон европските структури. За македонското население тука, за малцинството, сè зависи од однесувањето на државата во која живееме, и секако од апетитите и свеста на припадниците на македонското малцинство. Преспанскиот договор е позитивен за односите меѓу двете држави, но не е поврзан и не може да биде поврзан со свеста и начинот за тоа што го бара македонското малцинство во Грција.

Целото интервју може да го отворите и прочитате ТУКА.