Во текот на септември 2026 година, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе зајакнати акциски контроли насочени кон откривање и санкционирање на прекршоците што ги прават возачите на лесни електрични возила (електрични тротинети).

При спроведените контроли констатирани се вкупно 871 прекршок, од кои најголем дел, односно 377, се однесуваат на некористење заштитен шлем (кацига), објави 4news.mk

Најголем број на прекршоци се констатирани на подрачјето на СВР Битола – 290 прекршоци, потоа Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата констатирала 167 прекршоци, СВР Охрид 125 прекршоци, СВР Струмица 113, додека другите прекршоци се констатирани на подрачјето на другите сектори за внатрешни работи.

Во рамки на контролите евидентирани се и осум случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Исто така, во текот на контролите одземени се 17 електрични тротинети.

Дополнително, констатирани се и 5.362 прекршоци што ги направиле други учесници во сообраќајот.

За сите констатирани прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со зајакнатите сообраќајни контроли и апелира до возачите на лесни електрични возила задолжително да користат заштитен шлем, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да се движат на површините предвидени за нивно безбедно учество во сообраќајот.