Следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Според прогнозата, поинтензивни процеси се очекуваат од средината на следната седмица кога наместа врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи и силен ветер (над 60 километри на час).
-Локално ќе наврне поголема количина на дожд (над 20 литри на квадратен метар за 24 часа). До четврток ќе дува јужен ветер, кој утре ќе биде со засилен интензитет, а од петок ќе дува од северен правец, информира УХМР.
Утрово 3 степени Целзиусови се измерени во Берово, Лазарополе, Попова Шапка, 4 во Крива Паланка и Охрид, 5 Струмица, Битола и Прилеп, 6 степени во Тетово, Крушево, Маврови Анови, 7 Скопје-Зајчев Рид, Скопје-Петровец, Гевгелија, Кавадарци, Куманово и Претор, 8 Виница, 9 Велес и 10 степени во Штип и Демир Капија.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југозападните и јужните делови. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Дневната температура ќе биде во интервал од 12 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 19 степени.
Фото: МИА архива