Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гази Баба најостро го осудува однесувањето на градоначалникот Борис Георгиевски, кој како што велат, кршејки закони и процедури има намера да ослободи од надоместок за уредување на градежно земјиште- комуналии приватен инвеститор во висина од над 2.000.000 евра.

-Прекршувањето на законите и процедурите станаа пракса, денес на почетокот не се дозволуваше да се одржи седница на советот, потоа советниците од СДСМ и останатите сакаа да дадат приоритет на одлуката за ослободување на комуналии со што директно ги откриваат лукравите интереси.

Градоначалникот од СДСМ пред заминување од свои познати причини сака да опрости над 2.000 000 евра за уредување на градежно земјиште- комуналии на градежна фирма која гради на територија на општина Газа Баба.

Дали градоначалникот и советниците од СДСМ и коалицијата се свесни што се може да се направи со 2 милиони евра во населените места за подобар живот на нашите сограѓани ?

Имаме населени места без водовод, без фекални канализациони системи, руинирани здравствени институции, неасфалтирани улици, потоа населени места каде има потреба од градинки, училишта, плоштади, паркови и тн.

Додека граѓаните на Брњарци и Раштак немаат вода за пиење, а Црешево, Гоце Делчев, Трубарево, Идризово, Дрма и останатите населени места немаат фекална канализација, урбаните заедници немаат нови училишта, градинки, спортски игралишта, градоначалникот Борче Георгиевски предлага ослободување од 2 милиони евра народни пари.

ВМРО-ДПМНЕ ОК Гази Баба и Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Општина Гази Баба остро и со сите демократски средства ќе се спротистави на носењето на ваква одлука, која е на штета на граѓаните на Општина Гази Баба.

СДСМ и градоначалникот Борче Георгиевски ја уништуваат Општина Гази Баба веќе четири години.

Ги повикуваме граѓаните на Општина Гази Баба со сериозно внимание да ги следат случувањата во Општина Гази Баба.

Времето на СДСМ и Борче Георгиевски во Општина Гази Баба завршува, се вели во соопштението.