Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска во Белград треба да се сретне со претставници на државниот врв и претставници на граѓанското општество.
Кошта синоќа беше пречекан на аеродромот во Белград од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на социјалните мрежи објави дека Србија е посветена на забрзување на реформите и „одговорен пристап кон процесот на европска интеграција“, додека членството во ЕУ останува стратешка цел.
Пристигнувањето на Кошта во Белград се совпадна со усвојувањето на извештајот од страна на Комитетот за надворешна политика на ЕП за Србија, во кој се повторува дека напредокот на земјата кон ЕУ е запрен и дека Белград не постигнал напредок во исполнувањето на условите за членство, со особена загриженост за регресијата во областа на владеењето на правото и состојбата на демократијата.
Претседателот на Европскиот совет дојде во Белград како дел од турнејата низ Западен Балкан, за која рече пред патувањето дека „испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, како и можноста за проширување. Сега е време да се постигнат целите“.
„Верувам дека сега е моментот дополнително да се зајакне европската перспектива на Западен Балкан со конкретни чекори и посилна политичка поддршка“, објави Вучиќ на Инстаграм.
Кошта ја започна својата балканска турнеја со посета на Сараево, каде што се сретна со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина и претседателот на Советот на министри.
Еден ден подоцна, тој беше во Тирана, каде што се сретна со албанскиот премиер Еди Рама и претседателот Бајрам Бегај. Потоа одржа средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Скопје.
Кошта беше во Косово вчера, а денеска во Белград треба да се сретне со Вучиќ, претседателката на Парламентот Ана Брнабиќ и претставници на организациите на граѓанското општество.
Кошта ќе ја заврши својата турнеја низ регионот со посета на Црна Гора, каде што, покрај средбите со црногорските функционери, ќе биде копретседател на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват.
Според ЕУ, темата на овогодишниот самит е „Заеднички просперитет и стабилност на Европската унија и Западен Балкан“.




