Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заедно со амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре денес ја отворија за сообраќај првата делница од автопатот Е-80, Автопатот на мирот, кој треба да ја поврзе Србија преку Ниш и Мердаре со Приштина, Тирана и пристаништето Драч, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ ја отвори првата делница Ниш-Мерошина долга 5,5 километри од вкупно 77 километри колку треба да ги изгради Србија, што е финансирано од Инвестициски грант WBIF од 40,6 милиони евра предвиден за Западен Балкан и заем од ЕБОР и ЕИБ во износ од 185 милиони евра.
Вучиќ на отварањето рече дека во рамките на Берлинскиот процес во 2014 година разговарал со тогашната германска канцеларка Ангела Меркел за поврзување на Приштина и Ниш по автопат и посочи дека Приштина не е заинтересирана за тоа.
-Мислам дека е многу важно да се поврземе со нашата Грачаница, но и со Приштина, Тирана, Драч. Ова ја олеснува нашата работа и напредок, увоз и извоз на стоки и услуги, рече Вучиќ и додаде дека Србија може да изгуби многу повеќе од Косово.
Тој рече дека е „горд што автопатот ќе не поврзе и со Србите и со Албанците на Косово и Метохија, и со Албанците во Приштина и со Србите во Грачаница и со Албанците во Тирана“.
Амбасадорот на ЕУ во Белград, Емануеле Жиофре рече дека овој автопат ќе биде столб на регионалната патна мрежа, дека треба да биде пат на мир, стабилност и помирување.
-Патот е првенствено транспортна рута, но и поврзување на луѓето во регионот. Сакаме патиштата да бидат симбол на мирот и стабилноста во регионот. Овој пат ќе го поврзе југот на Србија со западнобалканската мрежа и ќе овозможи слободен проток на луѓе, стоки и капитал, од Ниш преку Приштина до Тирана и пошироко, рече Жиофре и додаде дека „изградбата на овој пат е дел од пошироката слика на економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан, наменет за инфраструктурни проекти чија цел е да се мобилизираат 30 милијарди евра до 2027 година“.