Рамуш Харадинај е целосно во право кога вели дека САД, што и да се случи, ќе бидат на нивна страна, сеедно колку Приштина го крши меѓународното право, изјавил денеска српскиот претседател Александар Вучиќ и додал дека крајно време е Србите да се помират со тоа.

Истакнал дека одамна е јасно дека САД стојат зад Албанците и дека тие никогаш ништо не правеле сами.

„А, дека можеме воено да ги победиме САД, на тоа немојте ни да помислувате“, додал Вучиќ.

Тој потсетил дека Србија еднаш се обидела  воено да се носи со САД и дека не успеала во тоа.

„Србија еднаш беше нападната и знаете што се случи. Дајте да ги зачуваме луѓето, да има што повеќе бебиња“, рекол Вучиќ.

Истакнал и дека нема сомнеж дека Харадинај е во право кога вели дека САД ќе бидат на нивна страна, зашто тие го признаа независно Косово и тоа е крај на приказната за нив.

„Тие се силни и моќни и нема Србија да им го смени мислењето. Ние немаме што друго да правиме, во агол сме дотерани, мораме да се зачуваме“, нагласил Вучиќ.

Рекол и дека не е нималку среќен поради изјавите на американскиот амбасадор во Приштина по прашањето за формирање војска на Косово.

„Моето прашање до него би било – каде тоа го пишува, а тој би одговрил дека тоа никаде не го пишува, но и дека не му гајле, зашто тие го признале Косово. Тие се однесуваат според правилото на посилниот, а не според меѓународното право“, рекол Вучиќ.