Претседателот на Србија и кандидат на Српската напредна партија (СНС) на претседателските избори, Александар Вучиќ изјави дека по изборите ќе учествува во изборот на влада и дека потоа ќе поднесе оставка од раководството на партијата, јави дописникот на МИА од Белград.
– Десет години на чело на партијата е долг период, тоа е период во кој СНС никаде нема изгубено, што е неверојатно и време е некој друг да и се посвети, изјави Вучиќ за Политика и додаде дека „изборната волја на граѓаните ќе биде толку јасно изразена што не може да биде појасна“.
За тврдењето на еден од неговите противкандидати да слушнал од сигурни извори дека побарал разбирање што Србија не воведува санкции кон Русија до изборите, Вучиќ кажа дека тоа се „лаги“ и дека „никогаш не го кажал тоа никому“.
На прашањето за притисокот врз Србија, тој кажа дека „ќе биде многу тешко кој и да победи на изборите“.
– Со неколку дена во Брисел и Вашингтон, претходниот месец во однос на надворешнополитичката перспектива, за мене беше најтешкиот месец. Се плашам дека по падот на Мариупол ќе дојдат уште потешки времиња. Ќе видиме, наше е да се бориме и да гледаме да го извлечеме најдоброто што можеме за нашата земја, кажа Вучиќ.
Во пресрет на изборниот молк што почнува вечева на полноќ, во авторски текст за Блиц, Вучиќ порача дека Србија денеска е силна и стабилна држава, фактор на мирот и стабилноста, земја на кранови, нови фабрики и нови работни места,
По набројувањето на сработеното во претходниот период, Вучиќ истакна дека „кога ќе се погледнат овие резултати и планираните проекти, навистина треба да бидеме горди бидејќи Србија ја направивме силна и моќна држава. Но, јас сум еден од оние кои никогаш не е целосно задоволен и кој знае дека секогаш може повеќе и подобро“.
– Нашиот сон денес е Србија во 2025 година да биде земја вмрежена со автопати и модерни железнички пруги, во која секоја куќа ќе има приклучок на водоводна и канализациона мрежа и во која секој граѓанин ќе има уште подобар квалитет на живот, напиша Вучиќ.