Српскиот претседател Александар Вучиќ во разговор со кинескиот потпретседател Хан Женг во Њујорк побарал поддршка од таа земја во борбата за вистината и почитување на меѓународното право кога станува збор за Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

-Го информирав потпретседателот Женг за се потешката ситуација за српскиот народ на Косово и Метохија и побарав кинеска поддршка во борбата за вистината и почитувањето на меѓународното право, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.

Во разговорот на маргините на седницата на Генералното собрание на ОН со кинескиот претставник, Вучиќ разговараше за повеќе прашања, од актуелната геополитичка ситуација, заедничките напори за зачувување на мирот, до продолжување на зајакнувањето на пријателските и партнерските односи меѓу двете земји и два народа.

Тој наведе дека се зборувало и за претстојна посета на Кина, во средината на октомври, кога се очекува потпишување на Договорот за слободна трговија, кој, како што истакна претседателот на Србија, драстично ќе ги промени и подобри севкупните билатерални односи.

-Го замолив потпретседателот Женг да им пренесе на претседателот Си и на Кина благодарност за неговата постојана поддршка на Србија и искреното пријателство, наведе Вучиќ.

Тој на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“ соопшти дека имај средба и со претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

-Го информирав Лајчак за ситуацијата на Косово и Метохија и ја изразив мојата длабока загриженост за безбедносните ризици со кои се соочува српското население секој ден. Побарав поголема вклученост на ЕУ за да се зачува мирот, а нашиот народ да остане на своите вековни огништа, напиша Вучиќ на Инстаграм.