Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ синоќа беа домаќини на вечерата во Белград што беше приредена за македонскиот вицепремиер Никола Димитров, албанскиот премиер Еди Рама и премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.

– Прекрасна вечер во ресторанот Салон 1905 со пријателите од регионот, Еди Рама, Здравко Кривокапиќ и Никола Димитров. Ана Брнабиќ и јас на нашите гости им претставивме одлични српски вина и можевме да ги споредиме со многу добри француски вина. Нашето пријателство е пријателство за иднината на целиот регион, објави Вучиќ на Инстаграм.

Рама и Димитров вчера пристигнаа во Белград за денешната средба со Вучиќ, во рамки на иницијативата Отворен Балкан.

Договорот за Отворен Балкан, кој во јули во Скопје го потпишаа претседателот на Србија и премиерите на Албанија и Македонија, треба да овозможи укинување на граничните контроли меѓу овие земји по неговото стапување во сила на 1 јануари 2023 година.