По пропуштената можност за договор пред воведувањето на новата вонредна состојба, власта и опозицијата ја продолжуваат јавната дебата и меѓусебните обвинувања околу терминот за одржување на предвремените парламентрани избори.

Новонастанатата ситуација со зголемениот број заразени од КОВИД-19, за власта е аргумент плус дека се потребни избори што е можно побрзо заради доброто за заштита на здравјето на граѓаните, а за опозицијата, пак, потврда дека не е време за изборно соочување.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција вчера, истакна дека петти јули е денот кога ќе се одржат парламентарните избори, а дотогаш политичките партии имаат 35 дена на располагање за да се подготват.

– Токму заради заштита на здравјето на граѓаните изборите се решение, а датумот за нивното одржување е веќе завршена работа. Тие ќе се случат на 5 јули, за да добиеме најбрзо што може функционално Собрание и политичка Влада. Проблемите што ги предизвикува Наќе Чулев, мора да ги оставиме зад нас, а тоа е можно само со избори. Не е одговорно да ја оставиме државата без Парламент и со техничка Влада во која опозоцијата е настроена деструктивно и само гледа да заработи некаков политички поен. Нема нови аргументи за нови економски мерки и со тоа нема ниту оправдување за барање на нова вонредна состојба, изјави на прес-конференција Заев.

Од друга страна од ВМРО-ДПМНЕ, преку нивниот потпретседател Владо Мисајловски, му реплицираа на Заев, потенцирајќи дека неодговорно е да се зборува за избори и да се лицитира со датуми кога ситуацијата со бројот на позитивни случаји со КОВИД-19 е во пораст.

– Ние имаме нова релност во Македонија која Заев ја нарекува нормална реалност, но бројките покажуваат многу различно. Денеска имаме црн понеделник. На ваков ден да се зборува за избори и да се тера кампања е несериозно. Ние сме одговорна партија и ќе се грижиме за здравјето за граѓаните. Би сакал да прашам како Зоран Заев знае дека ќе заврши вонредната состојба сега, како знае дека ова ќе биде последно продолжување на вонредната состојба и дали одлуките се носат политички. Треба да се има малку разум, ако по секоја цена сакаат да одат на избори и да бидат извор на пандемија, ние нема да го дозволиме, истакна Мисајловски.

На иста линија со СДСМ, дека изборите треба да се одржаат на петти јули е и ДПА. Претседателот на партијата, Мендух Тачи, смета дека изборите треба да се одржаат 22 дена по укинувањето на вонредната состојба со цел функционирање на владата и институциите.

-Навистина ни требаат избори. Мислам дека треба да одиме на избори да се заврши со ова глумење на политички сили, да имаме силна и функционална влада и институции кои вистински искрено ќе се борат со ова зло што не снајде. Инаку продолжувањето на ваквата ситуација може да не донесе до агонија каде сите еден со друг ќе обвинуваме, изјави Тачи.

Претходно, во својство на партиски функционер, министерот за економија Крешник Бектеши, изјави дека ДУИ останува на ставот датумот за избори да се донесе со консензус.

-Ставот на ДУИ е конзистентен и принципиелен од почетокот кога се отвори темата за одржување на изборите во јуни или јули. Подготвени сме и наредната недела да одиме на избори, но треба да ги имаме предвид препораките од Комисијата за заразни болести и ситуацијата со бројот на заразени. Принципиелно сме кажале дека датумот треба да се донесе со консензус. ДУИ останува на тој став. Ќе ги следиме препораките на епидемиолозите, а јавноста ќе биде информирана за ставот на партијата или ако има лидерска средба, рече Бектеши.

Движењето Беса смета дека е потребно што побргу да се одржаат изборите заради поефикасно справување со здравствените и економски последици од кризата.

– Што поскоро треба да има избори за граѓаните да имаат свои претставници во Собранието и да ја контролираат владата. Мора да има политичка влада поради фактот што министерот за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ нема политичка одговорност. Ако имавме политичка влада полесно ќе се справевме со здравствените и економски последици од кризата, вели лидерот на Беса, Билал Касами.

Државната изборна комисија, пак, вчера преку соопштение ги демантира информациите дека тие ги почнале подготовките за предвремените парламентарни избори. Единствените активности, кои ДИК ги реализира во моментот се активностите поврзани со нејзиното тековно функционирање, инфомираа од оваа државна институција надлежна за организирање на изборите.