Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му предложи на премиерот Димитар Ковачевски заедничка и јавна средба на која ќе разговараат и договорат датум за одржување предвремени парламентарни избори, кои, како што рече, би биле природно решение за „катастрофалните состојби во кои се наоѓа земјата“. Тој на Ковачевски му остави рок до 10 мај да се изјасни, а доколку премиерот го одбие предлогот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека „ќе следат сериозни и досега непреземени чекори“.

На тој состанок, нагласи Мицкоски, ќе предложам и четири тима од ВМРО-ДПМНЕ составени од луѓе со искуство и луѓе кои се покажале во минатото, во четири акутни области – економија, надворешна политика, здравство и образование, во кои се детектирани клучни акутни проблеми во моментот во земјата.

– Овие тимови ќе работат со тимови во власта во меѓупериодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори, про боно без никаков надомест и никакви привилегии. Тука сме да и помогнеме на Македонија кога и е најтешко, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

Ова, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе овозможи да се решат „акутните проблеми во општеството и да се ослободат граѓаните од тензијата во која живеат“. А потоа, нагласи тој, на предвремените парламентарни избори народот нека одлучи во каква држава сака да живее и каква иднина сака да има.

– Не барам Ковачевски да брза. Нека размисли, знам дека ќе го советуваат да одбие. Но, нека размисли, нека преспие, нека се советува со повеќе луѓе. Очекувам одговор во следните десетина дена. Нека биде краен рок 10 мај – вторник. Доколку ја одбие и оваа понуда за средба за излез од националната катастрофа што ја живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава, а потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори, рече Мицковски.

Ако премиерот ја одбие понудата, според Мицковски, ќе се покажело дека државата нема лидерство, а народот ќе морал „да дојде по своето, затоа што сето ова како што имало почеток има и крај“.

Тој од македонските граѓани побара обединување и поддршка околу политиките на ВМРО-ДПМНЕ, за како што рече, „да може да се порази власта на следните предвремени парламентарни избори и за да може да бидат исправени грешките од изминатите пет години“.

– Барам да бидете сите вие високо свесни, целосно да ги разберете околностите во кои се наоѓа Македонија и важноста за тоа дека сега во овие моменти сите ние немаме право на грешка, бидејќи грешната проценка, раситнувањето на обединетата сила на народот прескапо ќе ја чини земјата, но и дека кога е најтешко ВМРО-ДПМНЕ секогаш било со народот, со Македонија, па дури потоа сме ги ставале партиските интереси во фокусот. ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и не го заборавајте моментот дека ВМРО-ДПМНЕ постои за Македонија. И мојата цел е да се обедини народот, на едната страна, ние обичните луѓе на нашата Македонија, на другата, осамени корумпираната елита од власта која мора да падне, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој на прес-конференцијата се осврна и на прашањето за преговорите со Бугарија истакнувајќи притоа дека е неприфатливо да се дозволува соседните држави да се мешаат во нашите внатрешни работи, па откако „ќе ги исполниме критериумите за ЕУ, да мора да ги исполниме и критериумите на Петков, кои се за негова домашна употреба“.

– Петков штити свои државни интереси, проблемот е што недостасува заштита на македонските интереси. Зад овие интереси не стои нашата држава и нејзините институции. И ако условот е да се исполнат сите бугарски барања, кои ќе значат исполнување на нивната бугарска декларација, на наша штета, тоа е нешто со кое ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се согласи ниту пак да се помири. И ако има отворање на Уставот, чин со кој е предвидено дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата на истиот, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без претходни писмени гаранции за нашата историја, за нашиот македонски јазик, без вештачки фусноти, за нашата посебност и културна различност. Повторувам, да се знае сега, нема тоа да го поддржиме и нема тоа да помине, рече Мицковски.

Мицковски вели дека е свесен оти Ковачевски е „подготвен да потпише се“ и оти само чека да види дали ќе може тоа да го помине во Бугарија.

– И тоа најверојатно во овој пластелин, нашиот вештачки Парламент ќе помине, но за промени во Уставот им требаат две третини, тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи, рече на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.