Иракли Гоголадзе

Со Иракли Гоголадзе се запознав во манастир Самтавро. Совршено случајно, тој млад човек на 25 години дојде до мене и ми рече:
Знаете, на мене старец Гаврил ми направи повеќе од едно чудо… Слушнав дека се прави колекција во која ќе се стават и такви настани. Дали можете да ми кажете можеби, кому можам да му се обратам по тој повод?

Со голема радост реков: јас сум преведувачот и тој кој ја прави руската верзија на книгата „Диадемата на Старецот“…

Не давајќи ми време да ја завршам реченицата тој, преплавен со емоции, почна да зборува. Го уклучив диктафонот и… слушам за едно од многуте чуда на старец Гаврил (Ургебадзе). Тој расказ и сакам да го споделам со вас, драги читатели:

Старец Гаврил во моето семејство направи многу чуда. Тој уште не беше канонизиран, кога прв пат чув за него. Нашата прва „средба“ се случи кога јас, ученик во седмо одделение, заедно со другарите го посетив манастирот Самтавро. Мене, тогаш сѐ уште момче, ме зачуди сѐ што видов на гробот на старецот. На прво место – мноштвото луѓе кои доаѓаа и се поклонуваа на гробот. Сосема несвесно и јас, исто така, се приближив до гробот и токму тука почна моето другарување со старец Гаврил. Приклонувајќи ја главата на гробот, почуствував огромна благодат. Моето срце се наполни со љубов. Чувствував внатрешна радост и сакав да викнам силно, најсилно:

„ЈАС СИТЕ ВЕ САКАМ!“

Монахињата Параскева ни подари елеј од кандилото на гробот на старец Гаврил и ни објасни како можеме да се помазуваме со него. Имав чувство како да сум добил некоја огромна сила. Така и беше!

Кај гробот на старец Гаврил во манастирот Самтавро.

Поминаа неколку месеци и нашиот дом го погоди несреќа. Мојот татко доби псоријаза. Ги поминавме сите болници, но гледајќи го тешкиот и комплициран стадиум на болеста, ниту една болница не нѐ прими. По некое време, благодарение на помошта на едни наши роднини, мојот татко го примија во болницата за кожни и венерични болести во Тбилиси.

Лекувањето одеше бавно. Лекарите кажаа дека ќе треба да поминат најмалку четири месеци до целосно излекување. Еднаш, во текот на ноќта, мојот татко имаше срцев удар и едвај го вратија во живот. Тогаш се сетив на старецот и гробот на кој се случуваат многу чудесни исцеленија.

Потрчав дома и го земав маслото од кандилото на гробот на старец Гаврил и дојдов во болницата.

Лекарите никого не пуштаа навечер во сабота, но кога им објаснив за што се работи, ме пуштија тајно да влезам. Се приближив на татко ми, тој спиеше. Со малиот прст го помазав трипати крстообразно со маслото, ја прочитав „Оче наш“ и со целото срце го замолив старецот за излекување на мојот татко. Потоа, немо излегов.
Утрото дојдов со мајка ми во болницата. Наближувајќи до собата на мојот татко, со ужас затрчавме кон крикот на медицинската сестра:
„НЕ Е МОЖНО!“
Помисливме, еве – ова е крајот!

Мајка ми се онесвести. Мене ме фати треперење од кое не можев да се смирам. Влегов во собата и го видов својот татко како седи на креветот. Бев шокиран. Немаше никаков осип на телото и на лицето, кожата му беше како на бебе. набргу во собата влезе и главниот лекар, истиот оној, кој ми дозволи да го посетам татко ми. Никогаш нема да го заборавам неговиот израз на лицето, оној момент кога ја виде совршено чистата кожа на својот пациент! Лекарот почна да плаче и да се прекрстува зборувајќи:

„СЛАВА МУ НА БОГА“…
„СЛАВА НА ТОЈ СТАРЕЦ…“

Во тој момент татко ми нѐ прекина и праша за каков старец говориме. Не ни почнав да зборувам за старец Гаврил, кога мојот татко самиот почна да ни раскажува за тоа што го видел во сонот, некаков свештеник со бела брада кој влегол во собата и му рекол:

Е, мој брате… Ти никогаш не си се причестил, ниту исповедал, но имаш верен син и верна жена, кои ме повикаа.
Не можам да гледам како тие плачат. Ајде, јас сега тебе ќе те излекувам, а ти почни да живееш со црковен живот. Очи често во црква, исповедај се и причестувај се. Така ќе се дружиме. Во спротивен случај, нема да бидам твој другар. Разбираш?

Тој намигнал на татко ми, го осенил со крсниот знак и излегол.

Јас плачев, и сите во собата плачеа!

И покрај тоа што мојот татко никогаш не го видел старецот за време на животот, описот кој го даде за „свештеникот“, во потполност одговараше на ликот на старец Гаврил.

Слава Ти Боже! Слава на тебе, баќушка Гавриле!