Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ денеска ќе одржи панел-дискусијата на тема „Различностите и дезинформациите во Западен Балкан“, на платформата за видео комуникација Zoom.

Панел дискусијата ќе биде од регионален карактер, со учество на претставници на организации од Западен Балкан кои се борат против дезинформации и кои ќе ги споделат своите искуства поврзани со разоткривање на антидемократиските дезинформациски наративи кои ги злоупотребуваат прашањата поврзани со различностите во нивните општества.

Како што најавија од „Метаморфозис“, говорници на настанот ќе бидат: Владимир Петрески – уредник на „Вистиномер“, Никола Петровиќ – извршен директор на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања ISAC, тинк-тенк од Србија,  Петрит Зогај – национален уредник на Sbunker.net, Медиумска издавачка организација од Косово,  Барбара Хала – новинар и истражувач во Faktoje.al, сервис за проверка на факти од Албанија и  Исмар Милак – проектен координатор во Зашто не (Why not) од Босна и Херцеговина, основач на сервисите за проверка на факти Istinomjer.ba и Raskrinkavanje.ba (fcs).