Долгот во 2017 година беше 4.7 милијарди евра, ако СДСМ остане на власт до крајот на годината ќе биде над 8 милијарди евра.

Ова се истакнува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

– За 5 години СДСМ ја задолжи државата колку сите влади пред нив заедно. Моментално јавниот долг е над 7 милијарди евра, а по земањето на заемот од ММФ од 900 милиони евра и еврообврзница, тој ќе биде над 8 милијарди, што во проценти од БДП е над 70 отсто, се вели во соопштението.

За 5 години, се додава во соопштението од опозициската партија, долгот е енормно зголемен без да има еден проект, ниту инвестиција.

– Сите капитални проекти стојат во место. Нема Клиничка болница во Штип, ниту Клинички центар во Скопје. Автопатот Кичево – Охрид не може да мрдне од мртва точка. Пет години СДСМ буквално ги помина во криминал и корупција. Државата не само што стагнираше, туку и изгуби чекор со регионот, каде забрзано се инвестира во инфраструктура. Пет години државата тоне. Доколку СДСМ остане на власт долгот само ќе се зголемува, а инвестиции и раст воопшто нема да има. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро, се вели во соопштението.

Пред пет години, сегашнава власт, тогаш како опозиција, постојано го мереше долгот на тогашната власт и ја алармираше јавноста за презадолженост.

Тогаш академикот Таки Фити, близок до актуелнава власт, педантно го броеше „енормоното задолжување“ со децимали. А во тогашниот налет на Зоран Заев и СДСМ против „режимот на Груевски“ настапуваа со слатки пароли за „високи плати и стандард“, „живот за сите“, „рушење режим со пенкало“…

Сирените за тревога од енормно задолжување на Македонија, кои пред пет години секојдневно алармираа, денес по пет години не се слушаат, иако долгот на земјата безмалку е дуплиран од тоа „алертно време на режимот“.