Политичарот кој пред четири години ветуваше изградба на 500 километри автопати низ Македонија, кога ќе дојде на власт, сега го врви вториот премиерски мандат, досега нема изградено ниту еден километар од автопатите, а денеска е на увид на реконструкција на локален пат во Скопско.
Веста е дека увид во градежните работи од втора фаза за реконструкција на патот од село Бутел до село Љуботен, изврши денеска премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Заев, по завршување на увидот, рече дека ова е важен проект за поддршка на руралниот развој.
– Преку овој патен правец во должина од седум километри во вредност од 12 милиони денари целосно обезбедени од локалната самоуправа се поврзуват 5.000 жители, изјави Заев по увидот во градежните работи.
Ова, нагласи Заев, е прва реконструкција на овој патен правец по 28 години.
– Делницата значи подобро поврзување на 5.000 жители и очекувам да го поттикне економакиот развојот на овој регион, изјави Заев.
Првата фаза, појасни Заев, беше реализирана со инвестиција од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во висина од 11 милиони денари, додека вторара фаза ќе биде целосно реализирана од средства обезбедени од општината.
Заев, исто така, го најави и проектот мегалополис, што предвидува патно поврзување на сите населени места за помалку од еден час.
– Планираме инвестиција за изградба на 600 километри автопати, 550 километри магистрални и 1.000 километри регионални патишта, изјави Заев.
Градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски, рече дека општината обезбедила 11 милиони денари за завршување на втората фаза на патот Бутел-Љуботен.
– Не бираме каде, работиме за потребите на граѓаните, изјави Смилевски.
Појанси дека во првата фаза е направено проширувањето од 1.5 метар со средства со АФПЗРР, а во втората фаза општината ќе стави нов горен слој асфалт.