Ковачевски не смее да го осуди и да побара оставка на Талат Џафери, се плаши дека ќе му падне владата, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ковачевски отиде толку далеку, што и по релативизирањето на примитивизмот на Талат Џафери, мораше да отиде да гледа фудбалски натпревар со него за и тој лично да преземе одговорност за однесувањето на истиот. Ковачевски прифати целата влада да застане зад примитивизмот на Џафери и да го оправда, само за примитивецот од Форино да остане на функција, а со тоа и да не падне владата.
Ковачевски, се додава во соопштението, го оправда малтретирањето на вработените во Собранието, и тој застана зад пцовките, навредите и мобингот на Талат Џафери само за да ја зачува владата.
– Ковачевски е спремен да жртвува десетина луѓе, и истите да носат психички трауми, само за тој да остане ден повеќе на власт. Токму затоа потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро. За целата држава да не биде заложник на пар луѓе очајни за власт по секоја цена.
Како што објавивме, Ковачевски изјави дека ја слушнал видео снимката од скандалот со Џафери, но не можел да оцени чиј бил гласот што пцуеше и се дереше по вработени службеници во Собранието. Ден потоа, пак, Ковачевски и Џафери, заедно со Али Ахмети, Артан Груби и други функционери од ДУИ, заедно навиваа на фудбалски натпревар во Чаир.
А кога сме веќе кај снимките, кои беа само аудио, судската и другата власт, која сега ја предводи Ковачевски, осудија на долгогодишни казни затвор лица од поранешната власт на поранешниот премиер Никола Груевски.