Вечерва во 20 часот, како што е најавено, почнува емитувањето на филмот „Црвениот поет“ на ТВ Телма.

За овој филм пишувавме пред точно една година, кога ТВ Алфа бараше серијата за Кочо Рацин да биде извадена од бункер и да ја емитува. Во меѓувреме, истата, може да се проследи и на македонската платфрома за филмови Глеј.

Во продолжение текстот што го објавивме пред точно една година:

Телевизија Алфа од Агенцијата за филм бара отстапување на правата за емитување на „Црвениот поет“, серија која повеќе од 6 години од неразјаснети причини се чува во фиока.

– Сакаме да потенцираме дека продуцентот, 6 месеци по одобрувањето на монтираната верзија на серијата, е должен епизодите да ги емитува на јавниот радиодифузен сервис или на некоја од телевизиите кои имаат национална концесија. Доколку тоа не се случи според договорот за пренос на права, Агенцијата за филм ги презема правата сразмерно на висината на вложените средства, пишува во известувањето до Агенција за филм од ТВ Алфа.

Дека Агенцијата за филм според договорот има право да ја преземе сопственоста од продуцентот, потврди и поранешната директорка на Агенцијата, Мими Ѓоргоска, која лично го има потпишано државното финансирање на серијата. Проект платен 23 милиони денари народни пари.

Сега барањето е и официјално, иако ТВ Алфа и претходно се понуди да ја емитува серијата, откако продуцентот тврдеше дека наводно немало интерес од ниту една национална телевизија.

– Серијата која има особена национална вредност е финансирана токму од Агенцијата за филм која пак секоја година директно е финансирана од телевизиските програмски сервиси на национална ниво, вклучувајќи ја и ТВ Алфа, се вели во известувањето до Агенција за филм.

Досегашниот впечаток што го има јавноста и пред се филмската фела е дека серијата се држи во фиока поради договорот со Бугарија зашто содржината има потенцијал контраверезно да биде сфатена од властите од Софија, по примерот на филмот „Трето полувреме“.

Серијата се однесува за Кочо Рацин, а особено внимание се посветува на неговата револуцинерна активност.

Целиот прилог на ТВ Алфа може да го погледнете во видеото ТУКА.