Измените на Законот за работни односи со кои се предвидува задолжително пензионирање на 64-годишна возраст, поднесени од група пратеници, влегоа во собраниска процедура и го поминаа првото читање.
Исклучоци во јавниот сектор ќе има за дефицитарни кадри од областа на здравството и во високото образование, но тоа ќе биде регулирано со други закони. Бизнисот бара одредбата за предвремено пензионирање да не важи за реалниот сектор, туку таму да се остави можност прашањето да се регулира договорно меѓу работодавачот и работникот, што е на линија и на предлагачите на законот и на Министерството за труд и социјална политика. Во измените на овој закон се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, но, сепак останува можноста жените да се пензионираат и на 62 години, како што е регулирано во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според анализите кои ги направиле предлагачите во координација со Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6.000 лица. Но, како што појаснуваат, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано продолжување на работниот однос.
-Според нашите анализи бројката на вработени како од јавен, така и од реален сектор збирно до крајот на 2020 година околу 6.000 вработени ќе наполнат 64 години. Но, тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија. Дел од нив поднеле барање согласно актуелното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и после продолжување на наполнување 64 години, а кој се однесува на следната календарска 2021 година, велат од групата пратеници кои се предлагачи на законските измени.
Досега на вработените им беше оставена можност да го продолжат работниот однос без притоа да се води сметка дали има потреба од тоа работно место или не. Вработениот доставувал барање и работодавачот морал да му го продолжи работниот однос. Најголем дел од барањата за продолжување на работен однос биле во јавниот сектор.
Ова решение, според предлагачите – група пратеници, ќе овозможи намалување на бројот на јавната администрација. Сепак, потенцираат, за местата кои се потребни, а ќе останат испразнети ќе се отвори можност за вработување млади и квалитетни кадри и ќе се спречи нивното напуштање на земјата.
Опозицијата реагира дека ова законско решение е противречно и оти може да се искористи за дополнителни партиски вработувања. Според нивните анализи не се во прашање само 6000 граѓани кои ја исполнуваат старосната граница до крајот на годинава, туку 10 илјади. Затоа бараат да се разгледа како пензионирањето на овие лица ќе се одрази врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и дали ќе може да го издржи напливот.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Фондот е во добра кондиција и оти тој има проекции оти толкав број граѓани би можеле да заминат во пензија поради навршена старост од 64 години, бидејќи не знае однапред колку од нив би барале продолжување на работниот однос.
Исклучоците од законот, односно можноста за продолжување на работниот однос за кадрите во здравството и високото образование, но и со меѓусебен договор на работникот и вработениот во јавниот сектор се прифатливи и за синдикатите и за бизнисот.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека и оваа здравствена криза покажала оти кадрите во здравството се неопходни и оти треба да се овозможи нивниот работен односи да биде продолжен, ако се процени дека е неопходно.
-ССМ од почетокот го следи сите предизвици поврзани со здравствената криза и во рамките на своите надлежности иницира и предлага решенија во насока на заштита на животот и здравјето на граѓаните и на работниците како најважен ресурс во државата. Во услови на енормно зголемен број на заразени здравствената криза покажа недостиг од здравствени работници во јавните здравствени установи. Овој недостиг може да се надмине преку продолжување на работниот однос на здравствените работници и по исполнување на условите за пензија, вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Сметаме, додава тој, дека законското решение за продолжување на работниот однос и по навршени 64 години треба да се однесува за случаи кога за работното место не може да се обезбеди соодветен стручен кадар за работното место и кога постои заемна волја за продолжување на работниот однос помеѓу работникот и работодавачот.
Бизнисот е на став дека решението е добро за јавниот сектор и оти во приватниот треба да се остави регулирањето на работниот однос да се направи во договор и со согласност на вработениот и работодавачот.
Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека во приватниот сектор има недостиг на работници од различни профили. -Би било погубно да задолжително да се оди во пензија. Ако работникот се чувствува здрав и сака да работи и работодавачот исто така сака да го задржи, ако и двете страни и работникот и работодавачот се согласни тој би требало да може да продолжи да работи, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Според него, и во развиениот свет многу луѓе кои исполнуваат право на пензија дополнително работат и многу пензиониери примаат дополнителни приходи на кои им се плаќа само персонален данок а не плаќаат придонеси. Уште е подобро е, потенцира, што на работникот ќе му тече и понатаму стаж и ќе се плаќаат придонесите и помал ќе биде товарот врз пензискиот фонд.
Задолжителното пензионирање на работниците на 64 години нема да важи за приватниот, туку само за јавниот сектор, посочуваат од МТСП.
– Тоа е закон кој што ќе ги вклучува сите вработени во јавниот сектор и ќе остава можност и за исклучок во реалниот сектор, каде работникот и работодавачот со заемен интерес би се договориле за продолжување на работниот век, велат оттаму.
Со измените на Законот за работни односи се предвидува прекинување на договорите за работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано. Но, ова прашање е регулирано и во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во кој согласно член 18 се вели дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
На крајот на минатата година во Фондот има регистрирани околу 324 илјади корисници на пензии. Според статистичките податоци во просек секоја година бројот на пензионери се зголемува за околу 5.000. Со задолжителното пензионирање на 64 години, би требало да се намали буџетскиот трошок за плати и придонеси, но ќе се зголемат средства потребни во пензискиот фонд за исплата на пензии. Важно прашање е дали овие испразнети места ќе бидат заменети со нови вработувања. Во тој случај ќе се зголемат и трошоците за покривање на новите пензии во ПИОМ, но ќе има и нови трошоци за плати.
За исплата на пензии годинава ќе бидат потрошени над 900 милиони евра, а следната година се планирани над една милијарда евра. И покрај стабилизацијата за редовна исплата на пензии Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија дополнително се субвенционира од Буџетот. Вкупните приходи на Фондот минатата година изнесувале 75.915,53 милиони денари, или околу 1 милијарда и 250 милиони евра. Од нив изворни приходи (придонес од плата, бенефициран стаж, придонес од физички лица кои самостојно вршат дејност и вработените кај нив, придонес од индивидуални земјоделци и Агенцијата за вработување) се 41.927,10 милиони денари, или околу 680 милиони евра. Од Буџетот Фондот лани добил 29.098,22 милиони денари или околу 500 милиони евра. Фондот имал и приходи од 39,02 милион денари од дивиденда и продажба на акции и удели и 4.472,58 милиони денари од други приходи, а 1.378,61 милион денари од акцизи.
Расходите за исплата на пензии во 2019 година изнесуваат 56.318,10 милиони денари, или 77,02 отсто во однос на вкупните расходи што изнесува нешто околу 900 милиони евра. За придонесот за здравствено осигурување на корисниците на пензија во 2019 година се исплатени средства во износ од 7.437,42 милиони денари, или 10,17 отсто во однос на вкупните расходи. Трансферот на средства за приватните пензиски фондови во 2019 година изнесува 8.861,58 милиони денари.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика стапка на невработеност од 16,7 отсто е евидентирана во вториот квартал од оваа година. Според објавените податоци бројот на невработени во овој квартал изнесува 159 623, додека бројот на вработени 793 416. Во земјата има 953 039 активни граѓани.
Славица Стефановска за МИА