Прогресивниот данок не ги даде очекуваните резултати од причина што земјава е опкружена од земји каде што даноците се многу ниски и генерално имаат рамен данок, истакна денеска Зоран Заев по денешното поставување на првиот електричен столб од новиот далековод од Штип кон Пробиштип.

Смета дека е ретко некоја власт, чесно да истапи пред својот народ и да ја повлече оваа мерка.

-Да, направивме исчекор, почнавме еве на крај на годината сме и признаваме дека не ги донесе резултатите. Ова е само израз на чесно владеење, што ќе продолжи оваа Влада да го практикува. Заради тоа што постоиме и работиме за народот и секогаш е почесно да ги признаете грешките и да повлечете чекор назад, отколку буквално да продолжите во нешто од пусти каприц и само да покажете дека сте исправен во тоа што сте почнале како политика, вели Заев.

Смета дека со овој потег се флексибилни кон стопанството и работниците, а анализите покажале дека капиталот е мобилен и овозможува отварање на сметки надвор од државата.

-Растот на персоналниот данок е повеќе од 14 проценти оваа година, но ова не се должи само на прогресивниот данок, туку заради тоа што имаме 54.000 нови работни места. Тие плаќаат персонален данок, заради тоа што платите растат, а расте и персоналниот данок за платите. Во споредба со овие една милјарда и 850 милиони евра , повеќе наплатени пари од персонален данок или 14 посто, ако го споредиме делот на наплата на приходот од данок на добивка, досега е помал за две милјарди и четрсто. Само ако ги споредиме овие две приходни ставки, гледаме дека сме навлезени во еден ризик, којшто веројатно во едно несоодветно време, кога во целиот овој наш регион, скоро сите земји имаат рамни даноци и во време кога државата влезе неподготвена да ги заштити пред се информатичарите, интелектуалната класа или академска, која е со едно сериозно образование, генерира приход повеќе од 18.000 евра годишно или 1.500 евра месечно. Сето тоа на еден начин го стават во функција да отворат сметка во Косово, Србија, Бугарија и истовремено да ја премести својата компанија, вели Заев.

Мицкоски инаку во 2017 година посочи дека ќе губат висококвалификувани силно платени професии, луѓе кои што вложиле во своето образование, а се ангажирани од компаниите, во овој случај тие дополнително ќе го оптоварат буџетот на компанијата со оваа мерка. Ќе изгубат исто така и Фондот за пензиско и Фондот за здравствено осигурување.

Мицкоски тогаш истакна исто така дека анализите кои биле направени во тоа време во партијата покажале дека тогашниот скалест данок не произведува доволно резултати, туку напротив ја стимулира даночната евазија и црната економија, па по тие сознанија ВМРО-ДПМНЕ  во минатото го имаше воведено рамниот данок со причина, затоа што со него драматично се зголемија приходите во буџетот, тоа значеше повеќе средства за капитални инвестиции, за зголемување на плати, изградба на училишта итн.