Вечерва разговаравме со лидерите на политичките партии и ги информиравме за можната формулација на референдумското прашање кое би се движело во следната насока „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“, истакна Зоран Заев по завршување на денешната лидерска средба.
Тој во изјавата вели дека разговарале и за насоката на која упатува членот 27 од Законот за референдум.
-Од Законот за референдум според кој во услови кога собранието треба допрва да донесе некоја исклучително важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање пред да се донесе одлуката, а согласно Договорот со Грција, тоа е одлуката за уставни промени. Во секој случај волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум ќе биде конечна за сите политички чинители, нагласи Заев.