И денес тврдам дека (Рашковски) не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи, вели премиерот Зоран Заев.

Тој истакнува дека екс генералниот секретар на Владата Драги Рашковски не ја злоупотребил функцијата и дека не е виновен во моментов, туку ќе биде виновен доколку се исполни и докаже сомнежот за злоупотреба.

– Така е, како што јас не мора да се согласам со обвинителката (Вилма) Русковска и со она што таа го тврди. Но, што е различно со оваа власт? Законот важи за сите и никој не е заштитен или изземен од законот, без оглед дали станува збор за бившиот генерален секретар на Владата, што важи за еден од моите најблиски соработници. Тоа порано не можеше ниту на сон да се замисли, додава Заев.

На прашањето дека сепак на крајот последниот збор го имаат Обвинителството и Судот, премиерот Заев за дневниот весник посочува:

-Пред фактите и Боговите молчат, ако победи аргументацијата на Обвинителството и на Судот, јас можам да не се согласувам, но ќе морам да се поклонам и да ја испочитувам, вели Заев.